Вовед

МАКЕДОНСКИ АНИМИРАН ФИЛМ 1971 -1991
Златна доба или заборав

И.И.:
Бев длабоко навлезен во анимација кога прв пат се сретнав со македонските анимирани филмови од 1970-тите и 80-тите години. За нив имав слушнато како некои пионерски дела, рани експерименти. Не бев свесен дека позади сето тоа има нешто повеќе, сѐ додека не налетав на „Отпор“ на една локална телевизија. Кога го изгледав бев пријатно изненаден, видов уникатен авторски израз, врвна режија, сценарио, камера, монтажа, динамика, мајсторска техника на анимација, сѐ, освен квалитетот на копијата која се емитуваше… По првичното соочување со мојата игнорантност, веднаш се заинтересирав, најдов и други филмови кои само ми потврдија дека анимираниот филм се сфаќал многу сериозно. Сакав да откријам нешто повеќе за традицијата од која што сега и јас сум дел, ова е тоа што го најдов:

„Отпор“ Боро Пејчинов 1978г.

На кратко:

Приказната почнува пред околу 50 години, во 1971г. со првиот македонски анимиран филм, „Ембрио No. M.“ на Петар Глигоровски. Глигоровски, заедно со Дарко Марковиќ, Боро Пејчинов и Делчо Михајлов се генерацијата која ги поставува темелите на македонската анимација. Овие автори го достигнуваат својот зенит кон крајот на 70-тите и почетокот на 80-тите години – создавајќи извонредни филмови кои учествуваат и добиваат значајни признанија на големи светски фестивали. Филмовите главно се продуцирани од Вардар Филм, институција во која креативноста и ентузијазмот на авторите, нивниот уникатен израз и идеја за анимиран филм се спојуваат со филмското знаење и искуство. Во тоа време кон нив се приклучуваат и други автори: Афродита Марковиќ, Мице Јанкуловски, Славољуб Игњатович, Мирослав Грчев и други, кои заедно ја збогатија македонската кинематографијасо повеќе од 30 анимирани филмови. Гледано од денешен аспект, по бројот и квалитетот на на филмовите, ова може да се смета за златна доба на македонскиот анимиран филм.

На овој веб сајт ќе ги објавуваме резултатите од нашето истражување во обид да ја пополниме празнината, да ја запознаеме денешната јавност и да им дадеме признание на пионерите и великаните. Македонскиот анимиран филм заслужува да добие вистинско вреднување и да го најде своето место како интегрален дел на македонското културно наследство, инспирирајќи нова генерација на автори.



С.Ј.:
Идејата на Иван да направи еден вид на омаж и документација на важен аспект на македонската филмска култура веднаш ме заинтригира. Како и со многу други аспекти од нашата национална меморија, бев фрапиран од недостигот на елементарен интерес за историјата и развојот на македонската анимација, особено знаејќи дека моментално имаме една вибрантна сцена во зачеток. Тука очигледно постои една празнина во чие пополнување може да помогнам со моето енциклопедиско искуство како и искуствата стекнати со промоцијата на македонски филмови и телевизиски серии.

„Апартман“ Афродита Марковиќ 1987г.

Истражувајќи ги филмовите, бев затекнат од авангардноста и социјалната ангажираност на нашите автори. По својата експерименталност ме потсетуваат на експерименталните филмови на Хари Еверет Смит (Heaven and Earth Magic, 1962) и Рене Лалу (La Planète sauvage, 1973), но она што навистина е маркантно е бескомпромисната критика на општеството во 70-тите и 80-тите години, кое извира можеби од еден малку подзаборавен, но искрен утопизам. Се надевам дека проектот ќе помогне во нивната ревалоризација и реактуелизација.

* насловна „Ембрио No. M.“ Петар Глигоровски 1971г.

Leave a comment